Вагинални инфекции – од аптекарски аспект

Медицинските истражувања, последниве десетина години ја докажаа и потврдија важноста на микробиомот, односно специфичниот збир на микроорганизми во конкретен орган или ткиво во човековото тело. Микробиомот има фундаментална улога во развојот на човекот, физиолошките процеси во човековото тело, со особен аспект на нивото на одбрана, односно микробиомот е од исклучителна важност за здрав и функционален имун систем на телото.

Повеќето микроорганизми, живеат во позитивно заедништво (симбиоза) со клетките од човекот, чинејќи ја првата линија на одбрана против патогените инфективни агенси, преку компетитивно исклучување (блокирање) на потенцијалните патогени.

Во нормални услови, вагиналната бактериска флора ја сочинуваат микроорганизми кои можеме да ги поделиме на корисни и патогени и тие кај здравите лица се во рамнотежа. Еден од најзначајните механизми за одржување  на оваа рамнотежа е контрола на pH вредноста на вагиналната содржина, која кај здравите лица се движи од 3,8 до 4,5. На бактериите кои предизвикуваат болести, оваа pH – вредност не им одговара, поради што слабо се размножуваат. Значи, бактериите на млечната киселина, односно самата млечна киселина во вагината создаваат природна заштита од инфекции.

Статистички, вагиналните инфекции, се во првите пет најдоминантни заболувања кај жените, кои можат да имаат огромно влијание, врз целата заедница (пренесувањето на инфективниот агенс на партнерот, ризикот од инфертилитет…). Вагиналниот секрет (исцедок), претставува физиолошки одбрамбен механизам, за женскиот организам. Вообичаено се состои од : вода, десквамирани епителијални клетки, цервикален мукус, мал број на леукоцити. Неговата основна улога и функција е да ја одржува здрава и функционална вагината. Физиолошката вагинална секреција се зголемува при сексуална стимулација, во бременоста, како и во текот на менструалниот циклус. Од друга страна, зголеменото лачење на лојните жлезди во интимната регија, ќе резултира со потенцирана секреција на вагиналниот секрет.  Најчести инфективни причинители на зголемена секреција се : Candida albicans, која предизвикува иритирачки кремав секрет, и   Trichomonas vaginalis, кога се јавува пенлив секрет со непријатна миризба. Секрет со непријатен мирис може да се јави и воколку е присутно страно тело во вагината, додека крваво обоен секрет е најверојатно знак на постоење на ранички на грлото на матката.

Постојат многу здравствени состојби, при кои вагиналниот секрет е видоизменет (состав, количина, мирис, боја), а кои се причинети од различни други бактерии, вируси и габички (респираторни инфекции, уринарни инфекции…). Дополнително, употребата на различни антисептички средства (средства наменети за интимна хигиена, со алкален состав), интимни дезодоранси, синтетски (најлонски) долен веш, интимни влошки, може да резултира со контактна алергиска реакција, каде покрај црвенилото, отокот, сврбежот во интимниот предел, доаѓа и до менување на вагиналниот секрет.  Било која да е причината за менување на квалитетот или квантитетот на вагиналниот исцедок, секогаш ќе даде промена на вагиналната рН, односно нејзино зголемување од физиолошките граници 3,8 – 4,4. Физиолошкиот период на перименопауза како и самиот период на менопауза, поради промената на хормоналниот статус на организмот, се карактеризира со менување на вагиналниот секрет. И во овој случај, доаѓа до покачување на рН вредноста.

Досега зборувавме за внатрешноста на вагината. Но, и кожата на надворешните интимни делови на телото, исто така, е населена со природна бактериска флора во која спаѓаат, исто така, бактериите на млечната киселина, односно самата млечна киселина. Покрај тоа, кожата од сопствената маст и супстанците кои ја врзуваат влагата создава еден заштитен слој, т.н. хидролипиден филм. Овој филм има киселинска вредност од околу 5,0, што значи станува збор за киселинска заштитна облога на кожата. Со неа и надворешниот интимен предел на телото има природна одбрана од бактерии кои се причинители на заболувања. 

Било која и да е причината за менување на вагиналната рН, скоро секогаш доаѓа до менување на составот на  вагиналните бактерии, во прв ред млечно-киселинските бактерии. Основната улога на овие лактобацили е да продуцираат млечна киселина, која ќе даде кисела рН, која оневозможува раст на патогени микроорганизми, и дополнително ги стимулира млечно-киселинските бактерии.

Многу влијанија можат да ја пореметат природната рамнотежа во вагината. Доколку влијанијата се пресилни, вагиналната флора нема да биде во состојба да ги совлада пречките, па можно е да дојде до вагинална инфекција. Во таков случај најчесто се намалува бројот на бактерии на млечната киселина, а со тоа е променета и pH – вредноста на над 4,4.

Ова многу често се случува во летниот период, кога температурите се зголемени, а со тоа и употребата на најразлични средства за хигиена, како што се алкалните сапуни или гелови за туширање со агресивни супстанци, кои можат да ја намалат маснотијата на кожата; со носење на влошки со фолија, кои оневозможуваат на кожата да дише, што предизвикува зголемување на pH –  вредноста на надворешниот интимен предел; со носење на влажен костим за капење, а со тоа и создавање на т.н. ’влажно – топла комора’, што овозможува развој на габички и бактерии; со користење на мирисни материи од типот на парфимирана тоалетна хартија или влошки, влажни марамчиња и спрејови за интимна употреба, кои можат да предизвикаат иритација на кожата и алергии; преку отстранување на влакненца со креми за депилација, кои често содржат агресивни состојки што можат да предизвикаат црвенило, јадеж или печење, додека со бричењето на бикини зоната може да дојде до микроповреди на кожата, кои претставуваат ’влезна врата’ за појава на кожни инфекции на тие места; преку допир со хлор, кој во јавните базени се користи како средство за дезинфекција, а кај чувствителните може да предизвика иритација на кожата и алергија; со триење на кожата како резултат на тесна облека, носење на танга гаќички, синтетичка долна облека или хулахопки, што воедно предизвикува застој на топлина и влага, доведувајќи до  појава на инфекции; како резултат на иритација со сексуални односи, како и преку допир со урина и останати фекалии.   

Кога природната рамнотежа во вагината е пореметена, а системот на заштита веќе не функционира, може да дојде до појава на вагинални инфекции (пр: бактериска вагиноза, габична инфекција). За да се одржи или повторно воспостави нормална вагинална бактериска флора, се советува употреба на млечна киселина, која за кратко време ќе ја ’закисели’ вагиналната содржина. Така, од една страна, во вагината ќе се создаде оптимална киселинска вредност за постоење на бактериите на млечната киселина, што од друга страна ќе влијае неповолно на ’штетните’ бактерии кои предизвикуваат заболувања.

За одржување на здрава средина во вагината, како и за превенција на можни несакани ефекти од други лекови, најсоодветен избор за локална апликација се вагиналети, што се комбинација од хијалуронска и млечна киселина. Хијалуронската киселина, аплицирана локално во вагината, ќе овозможи долготрајно влажнење на слузокожата, како и нејзино целосно обновување (и структура и функција на вагиналната слузокожа). Дополнително, млечната киселина ќе ја одржува вагиналната рН вредност ниска, со што ќе се превенираат дополнителни инфекции, а истовремено ќе се оневозможи инфекција со габичката кандида. Двете киселини, спакувани во една вагиналета, делуваат комплементарно во намалување и подобрување на симптомите на вагинитис, вулвовагинитис, атрофија на слузокожата (кај жени во менопауза), неспецифична суваст на вагината, како и при иритација, пецкање и чувство на чешање во вагината. Ваквата комбинација од млечна и хијалуронска киселина, спакувана како вагиналети се одличен избор за дополнителна терапија при сите воспалителни и заразни вагинални заболувања. Постојат вагиналети, кој содржат покрај млечна и хијалуронска киселина, и масло од чајно дрво, кое во медицината е одамна познато по својот антисептичен ефект, односно оневозможува дополнителна вагинална инфекција со бактерии, вируси и габички. Овие вагиналети, ќе делуваат во насока на правилна обнова на вагиналната слузокожа.      

Топ 5 правила во интимната хигиена на жените

  1. Не користете обични сапуни и гелови за туширање за интимна хигиена

Најголем дел од сапуните и геловите за туширање се наменети за одржување на природната pH вредност на кожата, којашто изнесува 5,5. Но, нормалната pH вредност на интимна нега треба се движи од 3,8 до 4,5. Затоа, користењето на обични сапуни може да ја наруши природната вагинална флора, а со тоа се овозможува непречено развивање и размножување на штетните бактерии.

  1. Носете памучна и не претесна долна облека.

Памучната облека ѝ овозможува на кожата да дише. За разлика од памукот, синтетичките материјали го спречуваат циркулирањето на воздухот, ја зголемуваат влажноста во интимната зона и на тој начин создаваат идеална средина за развој на бактерии. Исто така, избегнувајте го носењето на тесни фармерки и панталони.

  1. Одржувајте ја интимната хигиена пред и по сексуален однос.

Ова, освен што важи за вас, подеднакво е важно и за вашиот партнер, со цел да се избегне ефектот на пинг-понг пренесување на инфекциите. 

  1. За време на менструација менувајте ги хигиенските влошки на секои 2-4 часа.

Не дозволувајте да останете со иста хигиенска влошка повеќе од 4 часа. Во таков случај не само што нема да се чувствувате свежо, туку и им давате простор на штетните бактерии да се размножуваат.

  1. Користете тампони поретко, а менувајте ги почесто.

Многу лекари препорачуваат никогаш да не спиете со тампон. Тампоните треба да се менуваат редовно, на секои 2 до 3 часа, затоа што може да предизвикаат инфекции или синдром на токсичен шок, кој се смета за потенцијално фатална болест.

Михаил Минов, дипл. фарм. спец.