Стручно предавање за „Скрининг во прв триместар од бременоста“
Македонската асоцијација за фетална медицина организираше стручно предавање на тема „Скрининг во прв триместар од бременоста“, во соработка со Светската асоцијација за перинатална медицина.
На предавањето, кое се одржа во ноември 2022 година во Скопје, присуствуваа околу двесте стручни лица од областа на перинаталната и феталната медицина. Предавачи беа претседателот на Светската асоцијација за перинатална медицина, генерелниот секретар и дел од членовите на бордот: професор Чихат Сен од Турција, професор Валентина Де Робертс од Италија, професор Темис Дагклис од Грција, др. Мар Гил од Шпанија, др. Никола Волпе од Италија и др. Петја Кавеева од Бугарија.
Поздравно обраќање на настанот имаа претседателката на Македонската асоцијација за фетална медицина, професор д-р Ана Данева Маркова и сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓорѓиевска.

„Во центарот на нашите напори мора да биде реформата за подобро фетално и мајчино здравје, што треба да овозможи секоја бремена жена и новороденче да имаат пристап до здравствени установи со капацитет кои овозможуваат висококвалитетна, безбедна и ефективна грижа во согласност со нивните специфични здравствени потреби. Односот кон најранливите категории најгласно зборува за вистинскиот карактер на општеството“, истакна Ѓоргиевска.
Настанот беше посветен на феталната медицина и здравјето на мајката и идното новороденче, во организација на Македонската асоцијација за фетална медицина. Се организираше во соработка со Светската Перинатолошка асоцијација и експерти од Fetal Medicine Foundation – FMF London, со поддршка на компаниите Биотек и 4U Pharma.